Карцином на гркланот

Гркланот (ларинкс) е орган сместен на средната линија на вратот и служи за дишење, продукција на глас и заштита на дишните органи при голтање. Составен е од три анатомски дела: гласилки (glottis), просторот над гласилките (supraglottis) и просторот под гласилките (subglottis).

Кои се типовите на карцином на гркланот?

Малигните тумори (карциноми) на ларинксот се делат според типот на клетките од кои настануваат. Најчесто (во 95% од случаите) карциномите на гркланот се по потекло од плочестите клетки на слузницата на гркланот и се нарекуваат планоцелуларни карциноми. Во раниот стадиум на болеста, пред да почнат да се шират во околното ткиво, овие промени се нарекуваат преканцерозни промени и ин ситу карциноми.

Колку често се јавува?

Карциномот на ларинкс сочинува 1-2% од сите карциноми. Неговата инциденца е 2-10 случаи на 100.000 жители. Од овој тип карцином мажите заболуваат 4-10 пати почесто отколку жените. Најчесто се јавува по педесеттата година од животот.

Повеќе фактори може да влијаат на појавата на карцином на гркланот. Најголем ризик фактор за негова појава е пушењето. Кај пушачите ризикот од појава на овој тип карцином е 5-25 пати поголем. Консумирањето алкохолни пијалаци, особено ако е комбинирано со пушење, го зголемува ризикот од појава на ова заболување и до 40 пати. Како ризик фактори се споменуваат и гастроезофагеалниот рефлукс, иритацијата со хемикалии, азбест и сл.

Кои се симптомите?

Туморот најчесто се наоѓа на гласилките и првите знаци се менување на квалитетот на гласот и засипнатост. Доколку засипнатоста трае повеќе од 2 недели, се препорачува веднаш да се консултирате со доктор за уво, нос и грло.
Други симптоми на карциномот на грклан се болка во грлото и ушите, а кај понапредните случаи може да се забележи отежнато дишење, болка при голтање, како и крвава плунка.
Ако канцерот се прошири во лимфните јазли, се јавува оток на вратот.

Како се дијагностицира?

Дијагнозата на карцином на гркланот ја поставува оториноларинголог врз база на повеќе дијагностички постапки. Најпрво низ разговор со пациентот за симптомите кои ги има и периодот кога тие се појавиле, лекарот добива важни податоци за болеста на пациентот (анамнеза).

Клиничкиот преглед подразбира низа дијагностички постапки, како преглед на грлото (орофарингоскопија), преглед на гркланот и гласните жици со ригиден или флексибилен ендоскоп (ларингоскопија), палпација на вратот и радиолошки иследувања на вратот (ултразвук, компјутеризирана томографија и магнетна резонанца).

Доколку постои сомнение за појава на карцином на гркланот, кај пациентот се препорачува директна ларингоскопија со видеоларингоскоп или оперативен микроскоп, во краткотрајна анестезија и биопсија поради хистопатолошка дијагноза на промената. Во зависност од резултатите на хистолошката анализа, се советува пациентот за понатамошен третман.

Како се лекува?

Во третманот на карциномите на ларинксот постојат два тераписки приоди: оперативен третман и радиотерапија. Хемотерапијата се употребува најчесто како надополнување на оперативното и лекувањето со радиотерапија.

Типот и обемот на оперативниот третман зависи од позицијата и големината на карциномот, како и од проширеноста на болеста т.е. од присуството на локални и далечни метастази.

Оперативните зафати може да бидат функционални, кога се отстранува само туморот со дел од гласилката или цела гласилка (chordectomia). Постојат и функционални ларингектомии кај кој се отстранува туморот и дел од гркланот (парцијални хоризонтални и вертикални ларингектомии). Ако туморот е голем и доцна е откриен, потребно е да се отстрани целиот грклан (тотална ларингектомија). Потребно е да се нагласи дека кај повеќето хируршки интервенции заради обезбедување на дишењето потребно е да се креира привремена или трајна трахеостома, отвор на вратот и дишникот низ кој пациентот ќе може да дише постоперативно.

Доколку постојат и метастази во лимфните јазли на вратот, потребно е да се направи и селективна или радикална дисекција на вратот и да се отстранат лимфните јазли на едната или двете страни на вратот. По оперативниот зафат следи онколошки преглед и проценка за понатамошното лекување (радиотерапија, хемотерапија). Понекогаш туморот може да биде толку голем да не дозволува оперативен третман и во тие случаи единствен начин на лекување е радиотерапија и хемотерапија.

СВЕДОШТВА

Човечноста е заштитен знак за „Аџибадем Систина“

Извор: Hello Magazin Сите ја обожаваат, ѝ се восхитуваат и ја сакаат. Но, кога лично ќе ја запознаете веднаш сфаќате и зошто. Едноставно ве маѓепсува… Read More

НОВОСТИ И НАСТАНИ

Д-р Душко Михајлоски: Магнетната резонанца 3 Tesla ќе донесе нова ера во дијагностиката

Инвестирањето во најсовремениот апарат за магнетна резонанца 3 Tesla е уште една потврда за определбата на „Аџибадем Систина“ да биде лидер во… Read More

MRI 3 Tesla - Нова ера во дијагностиката

MRI 3 Tesla претставува најсовремен апарат за магнетна резонанца, кој за првпат во…

Радиохирургија на револуционерниот TRILOGY единствено во „Аџибадем Систина“

Радиохирургијата е тип на зрачна терапија со која се третираат тумори, најчесто во…

Language